Целиот Охридско – преспански регион да биде прогласен за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО, бара Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро. Интерес за иницијативата покажале македонската и албанската држава, како и општините кои гравитираат во регионот, а позитивни сигнали има и од Грција, со што според предлагачите се отвора можност за силна институционална заштита на природното и културното богатство на регионот кој меѓусебно е поврзан.
Македонскиот претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, Дејан Пановски, истакна дека прогласувањето на биосферен резерват Охрид и Преспа, ќе значи утврдување на границите на заштитеното подрачје и негово зонирање. Според предлогот првата зона ќе биде строго заштитена зона со лимитирани дејствија, втората зона ќе биде контактна зона каде што ќе се дозволат дејствија кои нема да ги нарушат природните вредности, третата зона ќе биде зона на развој со која ќе бидат опфатени туристичките капацитети и четвртата зона е урбана зона, односно градовите и селата.
-Тоа зонирање ќе ни помогне да знаеме точно каде и што треба да заштитиме и да знаеме каде може да градиме да не дојде до нарушувања на целокупниот простор и ќе ни помогне за туристичка промоција на регионот во светот, со што ќе може да се креира економски развој на регионот, рече Пановски.
Предлогот ќе биде преточен во Декларација која ќе треба да ја усвојат надлежните институции и општини кои гравитираат во заштитеното подрачје на Охридско-преспанскиот регион, како и Националниот парк Галичица и Хидробиолошкиот завод како одговорни установи за заштита на природата, по што номинацијата ќе биде проследена до УНЕСКО.
-Во Грција претстојат избори во мај по што ќе се интензивираат контактите и со грчката страна. Одговорните министерства, институции и општини во Македонија и Албанија се запознаени со иницијативата и очекуваме на есен да биде потпишана заедничка Декларација за прогласување на Охридско-преспанскиот регион за заштитен биосферен резерват, со што се отвара патот УНЕСКО да го прогласи овој регион за светско културно и природно наследство, процедура која трае околу 3 месеци, истакна Аријан Мероли, албански претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Иницијаторите за прогласување на регионот Охрид-Преспа за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО денеска остварија средба со претставници на локалните самоуправи и советите на Струга, Охрид и Поградец, од каде добиле поддршка за реализација на проектот кој е од суштинско значење за заштитата на природното наследство во регионот, што треба да овозможи одржлив развој и економска перспектива за локалното население во трите држави.