Македонија го завзема 83-тото место од 124 земји на скалата на конкурентноста во секторот на туризмот и патувањата подготвена од Светскиот економски форум.
Најдобро пласирани со најповолна клима за туризам се претежно индустриските земји, од кои на прво место е Швајцарија, зад која се рангирани Австрија, Германија и Исланд. На дното на листата се сместени најслабо развиените африкански земји со Чад на последно место.
Подобро рангирани од Македонија се Грција (24 место), Хрватска (38 место), Унгарија (40 место), Словенија (44 место), Турција (52), Бугарија (54), Србија и Црна Гора (61), Романија (76), додека Албанија е на 90 место, а БиХ на 104 место.
Земјите се рангирани според прописите и регулативите, туристичката инфраструктура, безбедноста, здравството и хигиената, човечките ресурси, инвестициите во туризмот и превозот, ценовната конкурентност и природните и културните знаменитости.
Во обид да го поправи својот рејтинг, но пред се` да привлече поголем број странски туристи Владата минатата година инвестираше повеќе од половина милион евра за реклма на CNN и други медиуми. Ефектите од таа реклама немаше, бидејќи мината година статистички Македонија бележи туристички пад. Но, туристичките работници објаснуваат дека вистинските ефекти од рекламирањето во 2006 ќе се почувствуваат оваа година, кога тие очекуваат пораст на бројот на странските туристи кои ќе ја посетат Македонија.