Македонскиот фудбалски селектор, Словенецот Сречко Катанец и неговиот колега од Србија, Мирослав Ѓукиќ, се договорија да одиграат меѓусебе контролен натпревар на 6 февруари.
Македонија и Србија по прв пат ќе играат пријателски натпревар, откако на двете селекции им пропаднаа комбинациите да обезбедат милионски суми за да ја доведат на гости прворангираната селекција на ФИФА рејтинг-листата, Аргентина.
Терминот за пријателски натпревари е 6 февруари, па двете селекции за да не го пропуштат немаат голем избор. Местото на одигрување ќе треба да го дефинираат двете федерации. Македонските преговарачи, доколку временските услови бидат наклонети, ја понудија Струмица за град-домаќин на оваа пресметка.
Катанец со Македонија ќе го почне новиот, втор двегодишен договор, а Ѓукиќ ќе дебитира на клупата на Србија откако на крајот на минатата година беше избран за наследник на Шпанецот Хавиер Клементе.
Покрај противник за февруарскиот термин, Македонија е во потрага за спаринг-партнер и за 25 март. ФФМ веќе договори пријателски дуел со селекцијата на Полска на 26 мај во Германија.
Пад до две места на ФИФА ранг листата
Фудбалска репрезентација на Македонија забележа пад за две места на најновата ФИФА ранг листа за месец Јануари.
Нашата селекција се наоѓа на 60-то место со само еден бод помалку од Венецуела која се искачи за три места овој месец и се најде на 59-то место.
Меѓу првите 10 репрезентации нема никакви промени, на врвот е Аргентина, пред Бразил и Италија.
Од нашите противници во квалификациите за СП 2010 година, Холандија е девета, Шкотска – 14-та, Норвешка на 29-то место, а Исланд е 87-ми.
Од противниците со кои Македонија ќе одигра пријателски средби Србија е 27-ма, Полска е на 23-то место.
ohridnews