Машката ракометна репрезентација на Македонија избори пласман на Светското првенство што идната година ќе се игра во Полска и Шведска.

Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, вечерва, Македонија во реванш мечот од баражот во драматична завршница ја совлада Чешка со 27:25. Првиот натпревар во Чешка заврши без победник 24:24, со што Македонија го задржа континуитетот на играње на големите натпреварувања.

Лидери во играта на подмладената Македонија беа Кузмановски и Талевски во нападот, а извонреден на голот беше искусниот Никола Митревски.

По 126 натпревар од националниот дрес се прости Филип Миркуловски, кој над 15 години беше дел од ракометната репрезентација. По мечот тој изјави дека Македонија има добра генерација која има перспектива.

Селекторот Лазаров истакна дека победата на Македонија е заслужена и дека репрезентацијата покажала квалитет кој го одлучил баражот.

Совладавме две репрезентации кои значат и во иднина ќе значат многу во европскиот и светскиот ракомет. Можеби бевме аутсајдери во натпреварите со Романија и Чешка, но покажавме дека можеме да се носиме со најсилните. Пресреќен сум, ова е голем резултат на Македонија. – рече Лазаров.

Тој истакна дека имаме голема шанса да избориме пласман и на Европско првенство изразувајќи големо задоволство од настапот на Кузмановски и Талевски како лидери на оваа генерација, која, според него, има простор да напредува уште.

Запрашан дали ќе го гледаме и натаму во дресот со број 7 во репрезентацијата, Лазаров рече дека повеќе во иднина ќе го гледаме во тренерки, посочувајќи дека сега е време за славење, а кога ќе слегнат емоциите ќе обзнани кога официјално ќе се прости од репрезентативниот дрес

Г.М.