Македонската ракометна репрезентација славеше на гостувањето во Финска со 27-22 (12-14) и го завери билетот за учество на Европското првенство, кое на почетокот од следната година ќе се одржи во Унгарија и Словенија.
„Црвено жолтите“ не се справија најдобро со улогата фаворит во првиот дел, кој финците го добија со 14-12. Мечот очекувано почна тесно и со голема борба, а предноста после триесет минути игра домашната селекција ја обезбеди со добар финиш. Од 8-7 за Македонија, финските ракометари свртеа на 9-8, а серијата продолжи за 13-10. Македонските ракометари постигнаа два гола, Финска еден и на одмор се замина со резултат 14-12.
Предноста од гол или два, Финска ја задржуваше до 42-та минута, кога на семафорот стоеше 18-18. Македонските ракометари со нова серија, овој пат 5-1, стигнаа до 23-19, што значеше најголема предност. Водството благодарение на искуството беше зачувано и преточено во триумф, вреден билет за пласман на ЕП.
Кирил Лазаров и Филип Кузманоски реализираа по пет погодоци, а добар меч имаше голманскиот тандем Никола Митревски-Мартин Томовски, кој искомбинира 15 одбрани. Гранлуд кај финците беше најефикасен со шест погодоци.
На 2 мај, на големиот Христијански празник Велигден, Македонија на домашен терен во Скопје, ќе ја пречека Швајцарија.
OhridNews
Фото: Архива