Репрезентацијата на Македонија со пораз го заврши седмото учество на ракометните Мундијали. Од „црвено жолтите“ во последниот меч на Светското првенство во Египет подобри беа белорусите, кои славеа со 30-26 (14-14).
Избраниците на Данило Брестовац се поправија во однос на претходните два натпревари од главната рунда, но не доволно за позитивен резултат.
Првото полувреме од дуелот Македонија – Белорусија заврши 14-14, но нашите ракометари беа подобар ривал. „Црвено жолтите“ го контролираа резултатот, а белорусија само пратеа и на крајот успеаја да обезбедат егал на полувремето.
„Гол за гол“ започна второто полувреме. Белорусија околу 40-та минута влезе во убава серија, Македонија затаи во нападот, а ниту одбраната не успеа да покрие. Белорусите се одлепија на 23-20 и зачекорија кон победата.
Во продолжението, ракометарите на Македонија како да изгубија мотиви, а белорусите максимално ги искористија сите аномалии и го спроведоа мечот во мирна завршница и рутинска победа од 30-26.
Македонија без победа со три порази ја заврши главната рунда, а претходно во разигрувањето по групи ја совлада селекцијата на Чиле, а изгуби од Шведска и Египет.
OhridNews