Македонската фудбалска репрезентација имаше победнички старт во Лигата на Нации, откако во првата рунда со 2-0 (2-0) на гостински терен ја совлада селекцијата на Гибралтар.

Избраниците на македонскиот селектор Игор Ангелоски комплетно ја оправдаа фаворитска улога доминирајќи од почетокот до крајот на мечот. Отпорот на домаќините нашите репрезентативци го скршија во 19-та минута по одличната акција која со погодок ја круниса Иван Тричкоски.

Водечкиот погодок не ги опушти македонски репрезентативци туку им даде дополнителни крилја. Теренската иницијатива со нов погодок ја награди Езџан Алиоски десеттина минути пред финишот во првиот дел.

„Црвено жолтите“ во второто полувреме со рутинска игра не им дозволија на домаќините надеж за поволен резултат и ги запишаа првите три бодови на табелата во групата.

Во втората рунда Македонија на Националната арена „Филип Втори“ ќе го пречека директниот конкурент за првата позиција селекцијата на Ерменија која со 2-1 славеше над Лихтештајн во премиерното прво коло од Лигата на Нации.

Првопласираната селекција во групата обезбедува пласман во баражот. Таму во плејоф систем се разигрува со трите преостанати селекции и најдобра ќе завери билет за настап на Европското првенство за две години.

Мх.П.