Автохтоните етничките Македонци од населените места во Општина Пустец, но, и цела Албанија, се собраа во селото Глобочани, родното место на познатиот албански писател од македонско потекло, Стерјо Спасе, каде одржаа голем научен собир, по повод Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Собирот се одржа во вкусно уредениот, простран и, со експонати, богато опремен Спомен – музеј „Стерјо Спасе”, на брегот на Преспанското Езеро, во присуство на градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, префектот на Општина Корча, Нертил Јоле, претседателката на Советот на округот Корча, Ана Веруши и други официјални претставници.
Говореа научни работници, мештани и дипломати. Присутните ги поздравија амбасадорот на Република Северна Македонија во Албанија Данчо Маркоски, заедно со првиот пратеник етнички Македонец Васил Стерјоски, кој е и претседател на политичка партија на Македонците – МАЕИ.
На собирот говореше и амбасадорот на Република Хрватска во Албанија, Златко Крамариќ, од позиција на истакнат македонист, со бројни објави за посебноста на македонскиот јазик и нација, член на МАНУ од неработниот состав.
Од научниот свет, говореше и професор д-р Катерина Тодоровска од Институтот за национална историја во Скопје која се осврна на делото на Спасе Мазенковски познат поет, писател, новинар и публицист, по потекло од селото Леска, Општина Пустец.
Учесниците од Албанија, Македонија и Хрватска, со посебен пиетет ги проследија и поздравија излагањата на деканот на Филолошкиот факултет од Универзитетот „Фан Ноли” од Корча, Албанија, професор д-р Јонела Спахо, посветено на капиталното и, за нас Македонците, епохално дело: „Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник” од професорката од истиот универзитет, д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка.
Во Албанија, ова е прва вистинска социолошка студија за интеграција на дел од македонската заедница во албанското општество. Во овој контекст, оваа студија се фокусира на меѓусебните социо-културни влијанија меѓу Албанците и припадниците на македонската заедница во регионот на Корча.
Тоа е особено значајно за научниот свет, но, и за општата јавност, особено од аспект на отповргнувањето на сеуште присутните стремежи на последните ретроградни, пред се, политички сили на Балканот, во посегнувањето по туѓи идентитети, од што не се поштедени ни етничките Македонци во Албанија.
Жителите на македонската заедница носат културни вредности како што се толеранција, разбирање, соработка, образование, патриотизам, кои им помогнаа на овие жители да живеат успешно достоинствено меѓу двете култури. Во овој соживот се забележува истрајноста во одржувањето на кохерентноста на етничкото друштво, каде во секоја социо-културна ситуација овој етникум се јавува хомоген и со јасни идентитетски и културни контури, рече во својот настап професор др. Мариа Дојче.
После научните излагања, пред паметникот на големиот писател, етнички Македонец, Стерјо Спасе, се одржа поетско читање, на кое, како специјален гостин, по повод чествувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, настапи познатиот хрватски поет и македонист – учесник на книжевни средби и добитник на врвни македонски признанија, Валерио Орлиќ.
Орлиќ е на голема книжевна турнеја низ Хрватска, Македонија и Албанија, а од мај ќе учествува на познатиот поетски фестивал во Корча – „Поетски вечери”. Валерио Орлиќ е основач, сега почесен претседател на Хрватското книжевно здружение.
Импозантниот Научен собир, поетските читања, како и другите пропратни манифестации, се одржаа во соорганизација на Македонското друштво „Сонце”, од Албанија, Универзитетот „Фан Ноли” од Корча, Албанија и Друштвото за литература и култура „Мацково” од Охрид, Македонија.
Веле Митаноски