Македонија има интерес да се приклучи на проектот за изградба на бугарската нуклеарна централа Белeне, која е единствена во Југоисточна Европа. Но, реализацијата на овој исклучително значаен проект за целиот регион се’ уште не е дефинирана, вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Бугарија објави повик со кој бара партенри за изградбата на нуклеарката, но условите за учество се’ уште не се јасни.
Ние пројавивме интерес за учество во Белане, меѓутоа се’ уште концептот од бугарска страна не е јасен, се’ уште и тие немаат до крај изградено ниту финансиска конструкција, ниту структура на заинтересирани страни. Гледам целиот регион пројавува интерес за учество во тој проект така да мислам дека е многу далеку да се зборува за конкретна реализација. Меѓутоа ние како држава цениме дека тоа е веројатно најбрзиот, наједноставниот и најевтиниот начин да обезбедиме базна енергија на подолг рок, но во моментов проектот е далеку е од реализација. – изјави деновиве во Охрид вицепремиерот Анѓушев.
Државата треба да бара решение за обезбедување базна енергија која сега ја произведуваме од јаглен, кој го има во ограничени количини. Каква и која алтернатива ќе се избере треба да покаже Енергетската стратегија која со помош на фонд од Велика Британија, ја изработува меѓународна финансиска институција, а подизведувач е МАНУ.
Очекуваме стратегијата да биде готова во сепември. Драфт верзија има и во стратегијата точно и прецизно се наведува како за наредниот долгорочен период ќе биде обезбедено снабдувањето со сите енергенси, вклучително и со електричната енергија во државата. – вели Анѓушев.
Енергетската стратегија ќе треба да даде одговор и што со РЕК Битола, со оглед на тоа дека производството на електрична енергија од камен јаглен согласно европските директиви во иднина ќе биде оптоварено со еколошка такса која значително ќе ја подигне цената на чинење, поради што овој капацитет може да биде неконкурентен на слободниот пазар. Експертите советуваат увозната зависност Македонија да ја намали со вложување во обновливи извори на енергија. Во тек е тендер за изградба на фотоволтаични електрани во Свети Николе и Македонски Брод кој е субвенциониран од државата со поволности околу инфраструктурата и трансформација на земјиштето. Отворањето на понудите ќе биде на 21 август.
Г.М.