Репрезентацијата на Македонија, денеска, во 15 часот и 30 минути ќе ги започне мечевите од главната рунда на Светското првенство во Египет. Ривал на „црвено жолтите“ на стартот е селекцијата на Словенија.

„Змајчеките“ во дуелот со Македонија влегуваат еден чекор понапред, бидејќи од првата фаза, во втората етапа пренесоа два бодови, за разлика од нашата селекција, која не пренесе ниту еден бод.

Историјата помеѓу овие две селекции е долга. Често пати се сретнувале на големи натпреварувања, а последната средба заврши во корист на Македонија, која победи со 25-24, на Европското првенство во Хрватска 2018 година. Последниот меч пак и припадна на Словенија, која славеше со 33-28, во тест средбата, одиграна на почетокот од минатата година.

Во главната рунда задача на Македонија и е да ја поправи играта и сликата во однос на мечевите од Шведска и Египет, кои ги изгуби убедливо, додека Словенија сигурно ќе брка победа за приклучок во борбата за првите две места во групата, кои водат во 1/4 финалето.

Македонија има одредени проблеми со повреди, но кој и ракометар да добие шанса, треба да ја искористи и да „изгине“ на теренот од спортската сала во Каиро.

Напред Македонија!

 

OhridNews