Македонската ракометна репрезентација има големи шанси да биде дел од Мундијалот во Египет откако ситуацијата со коронавирусот во репрезентациите на Чешка и Шведска е далеку од идеална и не се знае во каков правец ќе продолжи.

Шведската селекција неколку дена се наоѓа во карантин, а од ден на ден се зголемуваат заразените со вирусот ковид -19 во чешката репрезентација. Ако ситуацијата во било која селекција ескалира, таа ќе биде отстранета, а, шанса за настап ќе добие првата резерва, таа селекција е Македонија.

Затоа, селекторот Данило Брестовац уште денеска во репрезентацијата ги повика Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Никола Маркоски. Дополнителен повик добил и Гоце Георгиески но крилото на Вардар не се чувствувал најдобро и нема да и се приклучи на селекцијата.

„Црвено жолтите“ в недела, на домашен терен во Скопје, ќе го одигра вториот контролен натпревар со Чиле. Во првиот, Македонија славеше победа 25-21.

 

OhridNews