Во извештајот на Репортери без граници и според нивниот светски индекс за слобода на печатот за 2022 година, Србија е рангирана најлошо од сите земји на поранешна Југославија, иако се искачи за 14 места на скалата во споредба со извештајот од 2021 година. Годинава ја зазеде 79-та позиција и е во категоријата „проблематични“ земји.

Хрватска се најде на 48. место и во категоријата „задоволува“, додека Словенија на 54. место и меѓу „проблематичните“ земји, како и Северна Македонија на 57. место, Црна Гора на 63. и Босна и Херцеговина на 67. место. Во регионот на Западен Балкан само Албанија (103 место) е полошо рангирана од Србија.

Според Светскиот индекс на медиумски слободи објавен од Репортери без граници, во светот се случува двојна поларизација, интензивирана од информацискиот хаос, а таа е присутна и во одделни земји и во односите меѓу земјите на меѓународно ниво.

Извештајот за 2022 година, што ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии, укажува на катастрофалните ефекти од информацискиот хаос што произлегува од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, кој поттикнува ширење на лажни вести и пропаганда.

Норвешка останува на врвот на светскиот индекс за слобода на печатот во Европа. Најслабо рангирани се Северна Кореја (180), Еритреја и Иран. До нив се Мјанмар (176) и Кина (175 место).

OhridNews