Македонската ракометна репрезентација успешно ја започна Новата 2021 година, триумфирајќи во првиот од двата контролни мечеви со Чиле. „Црвено жолтите“ славеа со 25-21, полувреме 15-11.
Победата во тест средбата добива на тежина, затоа што на мечот воопшто не настапи капитенот Кирил Лазаров, а лимитирана минутажа имаа Филип Талевски, Филип Кузманоски и голманот Никола Митревски. Ракометарите кои добија шанса максимално ја искористија и најави добри време за македонската репрезентација.
Македонија предноста од четири голови на полувреме ја изгради во првите петнаесеттина минути. Двете селеции започнаа во егал, но нашата селекција беше таа што уфрли брзина погоре и во 15-та минута стигна до плус три (7-4). Во 25-та минута Чиле намали на 12-10, а, „црвено жолтите“ со фуриозен финиш ја вратија предноста заминувајќи на одмор со 15-11.
Лошиот почеток во нападот на македонската селекција максимално го искористи противникот кој дојде до 18-16. Сепак, македонските ракометари брзо се поправија и веднаш се одлепија на четири голови (20-16). Завршните десеттина минути беа одработени рутински, не дозволувајќи му на ривалот да се доближи, за конечен триумф од 25-21.
Листата на стрелци во Македонија ја предводеа Мартин Серафимов и Жарко Пешевски со пет голови, а три пати прецизен беше Маџовски.
Двете селекции в недела ќе одиграат нов контролен натпревар.
OhridNews