На денешен ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.

Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.

Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.

Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат. Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети. Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.

По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, честитка упати претседателот на државата Стево Пендаровски. На овој ден, се наведува во честитката од Пендаровски, се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893-та година ја формираа Македонската револуционерна организација.

Инспирирани од оваа идеја, генерации родољуби се вклучија во долгата борба за слободна македонска република, втемелена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава, вели шефот на државата Пендаровски.

Нашата генерација, нагласува Пендаровски, минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. Европа и светот, посочува, се соочуваат со економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина.

Честитка по повод празникот упати и премиерот Димитар Ковачевски.

На Денот на македонската револуционерна борба, 23-ти Октомври, со гордост се сеќаваме на храброста и истрајноста на македонските револуционери во борбата за независност и македонска државност. Без македонските револуционери, нивната прогресивност, нивната силна желба за слобода и правда, незамислив е континуитетот на ослободителната борба и вековниот идеал за независна македонска држава, се вели во честитката на Ковачевски.

Нивната храброст и одлучност, како што потенцира премиерот, е мотив ние денес гордо и достоинствено, обединети и со забрзан чекор да ги остваруваме државните цели.

Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината. Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, додава Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, на Фејсбук напиша дека борбата на Македонија и по 129 години се уште трае.

23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба. Денот кога е формирана македонската револуционерна организација, подоцна ВМРО, која е константа на борбата на македонскиот народ за слобода и независност на Македонија. Ако во една реченица треба да се опише таа херојска епопеја на подеми и падови, неспорно е да се каже дека денес славиме 129 години ВМРО, борба за Македонија која трае! Честит празник Македонијо! – напиша Мицкоски.

OhridNews