Со положување цвеќе пред Спомен костурницата во Куманово почна централната манифестација за одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание.
Цвеќе положија владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, претставници од Собранието, Кабинетот на претседателот на државата, Министерството за одбрана, Оштина Куманово, Сојузот на борци, дипломатскиот кор….
На централната манифестација, што се одржува под мотото „На вистинската страна“, ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Претходно тој упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври- Денот на народното востание.
Победничкото антифашистичко народноослободително движење, на првото заседание на АСНОМ го официјализира и идеалот за македонската држава и ние како граѓани, сме и мораме да бидеме вечно благодарни. Го продолжуваме нивниот пат во истата насока, избирајќи го напредокот и мирот на државата и создавајќи подобар живот за сегашните и идните генерации. Обединети, на вистинската страна продолжуваме напред. Нашите најголеми победи како во минатото, да ги направиме најголеми успеси во сегашноста и иднината, вели Ковачевски во објавата на „Фејсбук“.
Во Собранието денеска ќе биде доделена Државната награда „11 Октомври“ како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. Овогодишни добитници на 11-Октомвриската награда во областа на науката и образованието е невропсихијатарот проф. д-р Методи Чепреганов, а во областа на културата и уметноста поетесата Линдита Ахмети, писателот Томислав Османли и ликовниот уметник Мицко Јанкуловски.
Во пресрет на чествувањето на Денот на народното востание, вчера попладне на свечена церемонија во Скопје претседателот Стево Пендаровски со Медал за заслуги за Република Северна Македонија ги одликува уметниците Анка Гиева и Виолета Томовска и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски. Медал за заслуги им е доделен за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.
Одбележувањето на празникот започна со традиционалниот импровизиран напад на некогашниот полициски Участак, денес Меморијален музеј „11 Октомври“, кој е потсетување на настаните пред 81 година кога со акцијата на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ е означен почетокот на антифашистичката борба во земјава во Втората светска војна. Истиот ден, борци на Првиот прилепски партизански одред ја нападна и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Македонскиот народ заедно со припадниците на останатите заедници самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации и на НАТО и ги започна преговорите за членство со Европската Унија.
OhridNews