Македонската фудбалска репрезентација, вечерва, на домашен терен пред своите симпатизери против селекцијата на Летонија ќе ги започна натпреварите во квалификациите за Европското првенство 2020 година. Мечот се игра во 20 часот и 45 минути.
Селекторот на А репрезентација, Игор Ангеловски верува во своите репрезентативци дека квалификациите ќе ги отворат со победа.
- Очекувам да бидеме на она ниво кое бевме во минатите натпревари. Да одиграме максимално и да оствариме победа. Ние сме подготовени. Јас кажав дека е задоволство да се работи со овие момци, и најдоброто издание го очекувам во следните натпревари. Длабоко верувам во нив и допрва од нив ги очекувам најдобрите натпревари. Јасно ми е на мене и на фудбалерите дека нема лесни противници и така ќе играме на секој натпревар. Најсилното оружје на Летонија се прекините и тие воздушни дуели, и мора да внимаваме на тие сегменти. Постојат и слабости, и се надевам дека ќе ги искористиме. – изјави Ангеловски.
Натпреварот со Летонија ќе биде во знакот на Горан Пандев кој по јубилеен 100-ти пат ќе го носи дресот на националната селекција. Капитенот на „црвено жолтите“ доби специјални изненадувања од соиграчите, првиот човек на ФФМ Муамед Сејдини и специјални копачки, а сигурно најмногу ќе го израдува победа против Летонија. Напред Македонија!
OhridNews