Репрезентацијата на Македонија до 21 година одигра без победник против Украина во натпревар од 5 коло од квалификациите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Романија и Грузија 2023 година.

На тренинг центарот „Петар Милошевски” нашите фудбалери во еден возбудлив и неизвесен натпревар одигра нерешено 1:1 против незгодната Украина.

Натпреварот започна со доста тврда и тактичка борба на теренот без опасни ситуации пред двата гола. Како што поминуваше времето, селекцијата на Украина успеа да ја наметне својата игра, доминираше во поседот на топка и создаваше можности за гол. Најопасниот играч во редовите на Украина, Мудрик vo 28. минута од натпреварот ја имаше најголемата можност, доби одличен пас во простор од Крискив, биеше со левата нога, а неговиот удар заврши во пречката. Во 42. минута Украина поведе со 1:0. По одлично изведениот корнер на Мудрик, Сирота на најдобар можен начин го искористи невниманието во нашата одбрана и успеа да погоди за предност на гостите, информираат од ФФМ.

Во продолжението, Македонија одигра многу подобро и поагресивно. Тоа резултираше со погодок во мрежата на Украина. Во 58. минута, одличниот Томче Гроздановски успеа да пресече една топка на противникот, излезе еден на еден со противничкиот голман и успеа да погоди за израмнување на 1:1 и голема радост на нашиот тим. Воедно, тоа беше и конечниот резултат на денешниот меч. До крајот, Македонија преку Флорент Рамадани имаше уште една солидна можност за постигнување погодок.

Нашата селекција со овој нерешен исход има освоено вкупно 6 бодови, останува на третата позиција. Украина за прв пат одигра нерешено во овие квалификаци.

 

OhridNews