Македонија во 2023 бележи напредок во слободата на медиумите и безбедноста на медиумските работници, но социо-економската положба на новинарите не е значително подобрена. Ова меѓу другото се наведува во Годишниот извештај за показателите за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите за 2023 година што беше презентиран денеска во Охрид. Овој извештај е резултат на целогодишно истражување што Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) го работи заедно со уште седум новинарски организации од седум земји членки на мрежата на Западен Балкан „Safejournalists“.

Македонија котира високо споредбено со Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, БиХ и Хрвстака. Во сите параметри коишто се мерат во извештајот Македонија е подобра од земјите во регионот, односно Западен Балкан. Во Европа според извештајот на Репортери без граници моментално сме на 36 место за разлика од минатата година кога бевме 38, истакна Милан Спировски од ЗНМ.

Во 2023 година, бројот на напади кон новинари е намален. Лани регистрирани се 5 физички напади, од кои 2 имаат судска разрешница.

Но, иако бројот на вербални и физички закани генерално споредбено со изминатите 10 години се намалува, загрижува фактот што новинарите и медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања во онлајн просторот односно на социјалните мрежи, од кои дел беа сериозни закани по физичката безбедност на новинарите што работат на истражувања на корупција и други негативни општествени појави, истакна Спировски.

Надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци. Сепак, позитивно е што надлежните институции се отворени за соработка со ЗНМ и низ заедничките консултации покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани, посочи Спировски.

Треба да се истакне добрата соработка и комуникацијата со МВР, како и зголемувањето на надлежноста на случаите поврзани со безбедноста на медиумските работници од еден на уште тројца јавни обвинители во три различни апелациони подрачја, рече Спировски.

Општа оценка е дека во 2023 година, социо-економската положба на новинарите не е значително подобрена, споредбено со изминатите години, односно поради намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор, иако во одредени медиуми има минимално покачување на месечните примања на медиумските работници, посочува Спировски. Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, на дел од нив не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работни права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите, рече тој.

Најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа во малите средини, локалните моќници можат полесно да вршат притисок. Работниот статус и положбата на новинарките во редакциите не се разликува многу од онаа на нивните колеги новинари, со исклучок на тоа што на раководните позиции во медиумите има помалку жени, се наведува во извештајот.

На почетокот на 2023 година, беа изгласани измените и дополнувањата на Кривичниот законик на РСМ, каде нападот кон новинар или медиумиски работник ќе се третира како напад кон службено лице. Според измените на Кривичниот законик, во повеќе кривични дела е додадена квалификувана форма на кривчните дела каде е пропишана повисока казна за извршување на тоа дело кон новинарите и новинарките со надеж дека ќе се делува превентивно и ќе одврати потенцијални сторители.

Македонија бележи скок во сите индекси за безбедност на новинари и медиумски работници токму поради фактот што измените на овој закон ги ставаат медиимските работници во една повластена положба и на тој начин се нудат системски решенија како тие да бидат позаштитени во вршење на својата работа. Тоа што нас ни останува како предизвик е да се следи како ќе се одвиваат истрагите и судските постапки во иднина со цел да се демотивираат напаѓачите да посегаат по интегритетот на новинарите и медиумските работници, меѓутоа и да се намали трендот на напади, како и политиката на неказнивост, стои во извештајот.

Во однос на препораките за подобрување наведени во извештајот ЗНМ конструктивно инсистира на создавање Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес, за новинарски продукти, преку кој ќе се овозможи финансирање проекти за истражувачко, аналитичко новинарство, за документарна, образовна и едукативна содржина.

На овој начин, најпрактично би се помогнало новинарството, а ќе се влијае и врз подобрувањето на примањата на новинарите и медиумските работници. Вака би се избегнало враќање на состојбата во медиумската индустрија на нивото од пред пет години, кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање, а МРТ во 2023 година бележи уште помал буџет споредбено со претходните години. Како передизвици остануваат оваа година да ги инспирираме политичарите да се направат промените на членовите во Програмскиот совет во МРТВ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски усуги и да ги градиме капацитетите на новинарите и медиумските работници, вели Спировски.

Извештајот  за слободата на медиумите и безбедноста на медиумските работници е изготвен врз основа на три групи индикатори: правната заштита, положбата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите. Во претходните две години беше креиран и дополнителен документ – Индекс на безбедностa на новинарите на Западен Балкан кој претставува алатка заснована врз истражување, дизајнирана да ги мери и следи промените во соодветното општествено и политичко опкружување на земјите од Западен Балкан што имаат директно или индиректно влијание врз безбедноста на новинарите и медиумските професионалци додека ја практикуваат својата професија.

Г.М.