Апсолутниот шампион на Македонија во маратонско трчање Кокан Ајановски ќе биде еден од учесниците на 28. Атлетискиот маратон во Охрид кој е закажан за в понеделник на осми септември.
На маратонот кој се одржува по повод прогласување на Независна Република Македонија, Ајановски има високи очекувања. Тој атакува на подиумот иако надворешната конкуренција е навистина голема.
– На прво место во конкуренција на македонски натпреварувачи сигурно,а во вкупен пласман, тоа ќе зависи од конкуренцијата. Неофицијално е потврдено учество на поквалитетни маратонци од мене кои доаѓаат од Србија и Унгарија. Но,ова е тешка трка и јас ќе си ја барам својата шанса,трчајќи пред се тактички паметно. Се надевам на подиум – потенцираше Ајановски.
Неуморниот Ајановски пред две години во целта заедно влезе со својот другар Јовица Ристовски што наиде на овации од присутните.
– Ние сме супер другари и заедно тренираме. Тогаш, целата трка ја трчавме заедно и затоа одлучивме така и да финишираме. Доколку пак би имале таква можност,повторно би го направиле истото! – додаде Ајановски.
Љубовта кон маратонското трчање на Ајановски му се случила случајно кога за прв пат истрчал полумаратон и од тогаш незнае како без трчање.
– Сосема случајно. Во 2008 како тотален аматер во овој спорт,истрчав еден полумаратон и од тогаш буквално се заљубив во трчањето. Ме исполнува целосно и ми помага во извршување на професионалните и приватните обврски и задоволства. Она што највеќе ми се допаѓа е дека се зависи од мене,како јас ќе се посветам,такви резултати и ќе имам – истакна маратонецот.
До сега Ајановски има три настапи на Охридскиот атлетски маратон и во секој нареден си го подобрува својот личен рекорд.
Мх.П.