На 29ти март, во предградието на Париз, во општина Бонди, се ордржа настан на кој се одбележаа 135 – годишнина од раѓањето на др Анастас Коцарев и 94та годишнина од неговата смрт.
На настанот беа присутни градоначалникот на општина Бонди Стефен Ерве и советникот за култура и историско помнење Отман Асаади, Женвијев Брунет, ќерката на вереницата на д-р Коцарев, Пецо Наданоски – преставник од македонскиот национален совет – Швајцарија, Златко Николовски – преставник од друштвото „Македонска Диаспора“ од Лозана-Швајцарија, Иљо Бундевски – заменик секретар од друштвото Илинден 1903та од Нормандија – Франција, членови на Друштвото „Заборавени Македонци“ од Франција, македонски иселеници кои живеат во Околината на Париз и Ману Силва фотографот и член на „Илинден 1903та“.
Во обраќањето до присутните, претседателката на друштвото „Заборавени Македонци“, Соња Кировска, истакна дека оваа година за прв пат во Македонија беше одбележана 135-годишнината од раѓањето на д-р Анастас Коцареф, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
За прв пат во Скопје, Македонија, Франција и Швајцарија заеднички го почестија делото на д-р Коцареф со присуство на свои амбасадори. Во име на Здружението на „Заборавените Македонци“ и македонските заедници од Франција и Швајцарија на која се обрати претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова, посочи Кировска.
Градоначалникот Ерве потенцираше дека Коцарев ги поврзува двата народи кои се сплотени околу неговото дело.
Претставници на друштвото „Заборавени Македонци“ разговарале со градоначалникот на Бонди, Ерве, за понатамошна соработка со Општина Охрид. Се зборувало и за културна, спортска размена како и развој на туризмот.
Присутните на настанот можеа да дегустираат македонски специјалитети и вкусно македонско вино како симбол на пријателството помеѓу двата народи.
Благодарение на огромната посветеност на членовите на друштвото „Заборавени Македонци“, на Анастас Коцарев (Охрид, 26 март 1890 – Париз, 28 март 1931) му се оддава заслужена почит.
Тој е eден од големите и, за жал, подзаборавени Македонци, со кои треба да се гордее македонскиот народ и Република Македонија, велат од друштвото „Заборавени Македонци“.
Анастас Коцарев е светско познато име во медицината во првата половина на XX век. Тој е деец кој покрај науката, не ја заборавил ни својата распарчена татковина. Во клучните моменти по Првата светска војна ги соединил сите македонски друштва во Швајцарија каде заедно со неговите сонароднци од цела етничка Македонија лобирале за независна Македонија со можност на балканска федерација.
На планот на науката се закитил со два докторати, бил врвен онколог и еден од првите кој работел на истражување и лекување на ракот. Соработувал со нобеловката Марија Кири на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата. Во историјата на светската медицина е запишан како прв кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Починал во Париз, при што постојат сомнежи дека бил убиен. Крајно е време македонската држава на различни начини да го обележи неговото име, како наша национална гордост, велат од друштвото „Заборавени Македонци“.
OhridNews