Македонската ракометна репрезентација имаше многу среќа при ждрепката за групите на Европското првенство во Данска следната година. Противниците на македонските репрезентативците се селекциите на Чешка, Австрија и домаќинот Данска.


– Нема лесна група на Европско првенство тоа да ни е на сите јасно. Таму ќе биде собран целиот крем во европскиот ракомет, но и ние имаме свои шанси. Чешка ја совладавме на Европското првенство пред две години во Србија, од селекцијата на Австрија можам слободно да кажам дека сме една класа подобри, а во натпреварите со Данска сешто може да се случи – рече Гоце Макалоски.

Петтото место од Европското првенство во Србија според Макалоски не е краен дострел на „неговата генарација“. Тој очекува на ова првенство ракометарите да го достигнат врвот во своите кариери.


–  Со поддршка од навивачите и добра организација во репрезентација Македонија може да го подобри пласманот од ЕП во Србија. „Мојата“ генерација има големо искуство од вакви натпревари, квалитетот сите го поседуваат. Минатата сезона беше плодна за сите репрезентативци затоа верувам во успех на македонската ракометна селекција – посочи Макалоски.

По завршувањето на играчката кариера Макалоски се пресели во ракометна Академија на Металург, каде заедно со неколку тренерски имиња работи на развивање и создавање на нови ракометари.

– Задоволоството е големо да се биде дел од овој камп, работиме напорно имаме по два тренинзи дневно. Металург како клуб во Македонија посветува најмногу внимание во младите категории. Јас им препорачувам на сите останатите клубови во било кој спорт да следат трендот на Металург и произведуваат што повеќе спортисти од своите школи – заврши Макалоски.

Мх.П.
Фото : Емилио