Сакам да ги анализирам мотивите на ‘преминатите’ изминатиов месец. Не слушнавме дека имаат какви било барања кои се од добробит на граѓаните нити пак барања за некакви реформи. Нивната политичка идеологија е непозната. Негатори на самите себеси. Нивните политички кариери овозможени од таму каде што се враќаат сега. А, кога сме веќе кај кариерите, она на што се сеќавам единствено се кожените палта, како дрескод и одењето на приеми со мотори за време на дипломатската кариера. Да не ги заборавам и спорните директорувања. И што е најважно- не коалицираат, туку се претопуваат. За човечноста пресудете самите, а за мотивите мислам дека ви е совршено јасно.
Личните апетити ги поседуваме сите, но ако компензација е “канибализмот” на своите членови и гласачи како и човечкото во себе, тоа е повеќе од морбидно. Продажбата на оние кои ви дале поддршка како и на самите себе, со само една прес конфереција во некоја хотелска сала и за некаква понуда, без оглед на нејзината материјална вредност, резултира со политичко самоубиство. Но, тука не е крајот. Вие имате пријатели! Вие имате комшии! Вие имате семејства! Како пред нив?. Очигледно е само едно, а тоа е дека немате образ. Колку и да звучи демоде и излитено.
Време е да почнеме да ги кажуваме работите со вистинското име и презиме. Како да дадовме легитимитет на дневната политика. Политичката култура, политичкиот дијалог и политичката коректност, оддамна се заборавени. Политичките партии го наметнаа ваквиот начин на функционирање. Тие се и иницијалната каписла за непринципиелните преминувања. За да некој биде предавник, треба да постои некој кој ќе го купи и прими во своите редови. “Полезноста” која ја имаат партиите од ваквите случувања се гледа и од месечината. Наместо, да се зборува за поразителните бројки во економијата или во кој и да било сектор, не насукуваат како китови во плитко, па сите зборуваме за триците наместо за брашното.
Зошто кога веќе нé лажете не го пакувате истото во подобра амблажа и со поголема суптилност?. Присуството од страна на двете најголеми партии со непристојни предлози го забележав во мојата матична партија, пред изборите како и после изборите. Но, заборавате дека тоа го забележаа и гласачите.
Понекогаш треба да ви се заблагодариме за филтрацијата која ни ја правите без никаков надомест. Па, нели бевме ситни и небитни? ..Како станавме атрактивни?. Зарем не сте доволно ‘големи’ за да можете да си го дозволите луксузот и да не регрутирате секого и по секоја цена во вашите редови?. Во меѓувреме, погледнете кај вас самите. Имате доволен број на лојални членови, на кои им ветивте дека ќе им помогнете. Не е фер ‘пребегнативе’ да имаат предност.
Можете ова да го дефинирате како арогантност, неоправдано чувство на супериорност, но јас само ја зборувам вистината. Вие многу добро го знаете тоа. Знам дека после ваквите колумни многу потешко поминувам во политичките кругови, но многу полесно помеѓу народот. Тоа е мојата цел, за вашата незнам. Вашата политика е како мајонезот, одлично вкусен но опасен по здравјето. Јас одамна престанав со негово користење.
Фер правилата на игра се почитуваат дури и за време на војна и тоа многу одамна. Останува да чекаме да созреете политички и демократски и да почнете да ги почитувате правилата. Понекогаш Бог е многу високо, а правдата е сокриена позади врата. Но, сепак се тука …
П.С. Популарната Тамара Тодевска има една песна која оди вака:,, Смешно зар не, а пак плачеме.” Да живее”демократијата”, но кога е ваква не сметајте на мене. Јас имам обврска кон оние гласачи кои ни дадоа поддршка, без оглед на тоа колку се.
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.