Таа денеска со уште двајца сведоци, на предлог на семејството Нешковски беше на распит пред истражниот судија.
„Мајката не беше сослушувана по никакви други околности, таа се произнесе за приклучување кон кривичниот прогон и за отштетно побарување, односно барање за отштета“, рече адвокатот на семејството Сашо Дуковски.
Истрагата за овој случај трае веќе еден месец, секојдневно се сослушуваат сведоци, но од судот не откриваат до кога ќе трае истрагата и дали ќе биде проширена.
„Јавниот обвинител во овој момент води постапка против едно лице. Јас не би сакал да коментирам дали тоа ќе се прошири против други лица или не. Доколку не се прошири врз други лица, нам како оштетени ни стои тоа законско право коешто во согласност со натамошниот развој на настаните во оваа постапка ќе видиме дали ќе го искористиме или не“, рече Дуковски.
Кривичниот суд вчера одлучуваше и му го продолжи притворот на Спасов за уште триесет дена.
Игор Спасов на 6 јуни, 40 минути по полноќ, додека се славеше изборната победа до смрт го претепа младиот Мартин Нешковски.
Министерството за внатрешни работи по два дена се произнесе за мистериозното убиство. Група граѓани веќе еден месец протестираат на скопските улици барајќи расчистување на случајот и оставки од министерката Гордана Јанкулоска и помошникот на министерот за односи со јавност Иво Котевски.
извор: „Макфакс“