Мајка Тереза, којашто животот го посвети на најсиромашните, отфрлените, поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск ја прогласи денеска за светица на литургијата на Плоштадот на свети Петар во Рима, што ја следеа околу сто илјади верници, меѓу кои и бројна делегација од Македонија, јавува „Макфакс“.

„Ја прогласуваме благословена Тереза од Калкута за света и ја ставаме на листата на светци, наложувајќи да биде почитуваната од целата Црква“, објави папата Франциск.

Во католичкиот календар Мајка Тереза или Света Тереза од Калкута ќе се слави на 5-ти септември, ден на нејзината смрт. По завршувањето на целата церемонија, папата Франциск ќе подели оброци за 1.500 сиромашни, за кои се грижат Мисионерките на љубовта, сестринство кое го востановила самата Мајка Тереза.

Папата ја прогласи за света откако Ватикан призна две нејзини чуда, и двете поврзани со излекување на болни, едното во Индија, кое некои скептици го оспоруваат, а другото во Бразил. Кон крајот на 2002 година комисијата на Ватикан призна дека една Бенгалката Моника Бесра, која имала тумор на стомакот, оздравела откако и се молела на мајка Тереза. Минатата 2015 година во декември признаено е другото нејзино чудо, заздравувањето на Бразилец кој во 2008 година се опоравил од тешка инфекција на мозокот. Беше најавено дека тој Бразилец со сопругата ќе присуствува на прогласувањето на мајка Тереза за светица.

По прогласувањето за светица и налогот од Папата дека „како таква мора да ја почитува целата Црква“, ширум Индија започнаа молитвените и други свечености. Во Калкута се поставени големи телевизиски екрани за да може да се следи церемонијата на римскиот Плоштад на свети Петар. Пред седиштето на Мисионерките на љубовта во Колката (Калкута) имаше собрано стотици верници, а претседателот Мухреџи Мајка Тереза ја нарече „месија на сиромашните и столб на поддршка за изнемоштените и напатените“, додавајќи дека секој Индиец е горд на нејзината канонизација.

По повод нејзината канонизација во центрите на Мисионерките на љубовта, и куќите на Мајка Тереза низ Индија, вклучително и во Скопје, се одржуваат посебни литургиски славења и групни молитви. Голем собир е најавен и во градот Ахмедабад. Во католичките епархии во Индија се организираат заеднички оброци, симболички потсетувајќи на служењето на Мајка Тереза на сиромашните и на оние на кои им е потребна помош.

Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква. Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица беше одржана на плоштадот „Свети Петар“ во 2003-та година, на која присуствуваа над 300.000 верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и македонска делегација, предводена од покојниот претседател Борис Трајковски.

На канонизацијата на Мајка Тереза присуствуваа многубројни верници и високи гости од целиот свет. Како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија, Македонија, заедно со Албанија и Индија имаа посебно место на оваа свеченост.

Веќе во својата 12-та година Агнес осознала дека сака да му служи на Бога и на сиромашните. На 18-годишнат возраст се придружила на Сестринството на Богородица од Лорета, ирско сестринство кое водело училишта во Индија. Тогаш го зема името Тереза. Во Индија од Даблин пристигнала во 1929 година и подучувала во училиште за девојчиња во Калкута денес Колката, водено од сестринството. На улицата пред манастирот секојдневно гледала изнемоштени и сиромашни бездомници за кои никој не се грижел. Во 1946 година во воз за Дарџеелинг, според нејзините сеќавања, го слушнала повикот на Господ да му се придружи на Исус во грижата за сиромашните. Ватикан една година подоцна ѝ дозволува да го напушти сестринството на Богородица од Лорет и да го отвори првото училиште во сиромашниот дел на Колката.

Мајка Тереза почина на 5-ти септември 1997 година, во 87 година од животот. Нобеловата награда за мир ја доби 1979 година, поради нејзината хуманитарна работа. Родена е на 26-ти август 1910 како Агнес Гонџа Бојаџиу во Скопје. Името Мајка Тереза го носи од 18-та година. Во Индија, преу Даблин каде што кусо се задржува во манастирот на Лоретските сестри, се преселила на 19 години, во 1929 година, а во 1946 го основа редот „Мисионерките на милосрдието“ кој сега во над 133 земји обединува 4.500 сестри. Половина век мајка Тереза во Калкута и во други делови на светот им помагаше на болните, сиромашните, сираците. Државјанка на Индија е од 1951 година.

OhridNews
извор: „Макфакс“