Мајка во Пакистан ја запалила својата 17 годишна ќерка затоа што се омажила од љубов, соопшти пакистанската полиција, додавајќи дека тоа е трето такво убиство во три месеци, пренесува „Макфакс“.

Зеенат Биби се омажила на 29 мај за маж од различна каста без согласност на своето семејство во градот Лахоре на истокот на земјата, што ја разбеснело нејзината мајка, рече полициски службеник за dpa.

Пакистанката во среда наутро најпрво ја обесила девојката во семејната куќа во сиромашниот дел на градот, а потоа го полеала нејзиното тело со бензин и го запалила.

Мајката е уапсена и ќе биде спроведена истрага дали некој од семејството и помогнал во извршувањето на убиството.

Во Пакистан се чести случаите во кои роднини ги убиваат жените бидејќи сметаат дека на тој начин ја бранат семејната чест.

Само во 2014 година, според податоците на независната комисија за човекови права, во таа земја се убиени повеќе од илјада жени и девојки.

OhridNews
извор: „Макфакс“