Премиерата на претставата „Сон на летната ноќ” во изведба на Охридскиот театар синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев” беше поздравена со бурни овации. За публиката оваа е една од најволшебните претстави, како што кажаа сон од кој не сакаат да се разбудат. Одличната глума, завидните сценски ефекти, музиката, богатата костимографија и фантастичната сценографија беа главните атрибути на едно од најизведуваните дела од Шекспир.
За Јасмина Билаловиќ, која ги толкува улогите на Титанија, кралица на самовилите и Хиполита, жената на атинскиот крал Тезеј оваа претстава е калорична и една од покомплексните Шекспирови дела, но затоа, како што вели, е вистински предизвик и испитување за секој актер.
„Оваа е прва постановка од Шекспир која ја играме од кога е формиран Охридскиот театар, така што задоволството и честа се на највисоко нив, а воедно е и голем исчекор да се игра дело од Шекспир како потврдена вредност и број еден во светската литература и драматургија. Процесот беше навистина прекрасен и инспиративен за сите нас и уживавме во пробите, но пред се би ја истакнала убедувачката и визионерска моќ на режисерот Иван Лео Лемо кој ја разбуди комплетно нашата креативност и имагинација.”-рече Билаловиќ.
Шекспир приказната ја скроил на три нивоа: љубовници, вили и вилењаци во шумата и мајсторите. Имено, оваа пиеса претставува концентрат од три светови односно таканаречениот Исток со т.н Запад заедно со Ромите како патувачки народ во кои светови се испреплетуваат љубовните приказни на двајца парови. Заплетот се случува кога Деметар и Лисандар, опиени од магичниот цвет во шумата се вљубуваат во Елена, наспроти планот за бегство од дворот на страстно вљубените Лисандар и Хермија кои сакаат тајно да се венчаат, кога воедно и настанува главниот конфликт меѓу вљубената двојка. Според атинскиот закон, Хермија, ќерката на Егеј мора да се омажи за избраниот маж од нејзиниот татко, односно за Деметар. Хермија и Лисандар, верувајќи дека се на безбедно, надвор од досег, заспиваат во шумата. Следуваат низа заплети кои содржат голема доза на хумор во нив.
Иако на прв поглед претставата се чини дека е наменета за разонода, сепак во неа е содржана длабока порака, а тоа е дека вистинската љубов на крајот победува. Воедно претставата нуди и низа поенти за размислување кои ги истражуваат спомнатите два светови и тамошните култури т.е од една страна западната или евроантлантска, од друга страна, индиската или ведска култура.
„Сон на летната ноќ е многу динамична претстава која од нас актерите бара совршено добра подготовка, како физичка кондиција, така и добра концентрација и мисловна активност. Таа е пред се многу ритмична, со оглед на структурата на Шекспировите дела. Судејќи според реакцијата на публиката мислам дека како екипа успеавме да ја одржиме енергијата на сцена константна и со тоа да го задржиме вниманието на гледачите во текот на двочасовната претстава.“– изјави Билјана Билаловиќ која ја толкува улогата на згодната, темпераментна и шармантна Елена, страстно вљубена во горделивиот Деметар со кого, после низа перипетии и ќе се омажи на крајот на претставата.
За актерот Никола Тодороски, кој го толкува ликот на младиот Лисандар, смртно вљубен во Хермија, оваа е претстава која ја величи љубовта како божествена сила, но и љубовта на актерите кон теататарот затоа што, како што вели, Шекспир тоа умешно го прави во повеќе негови дела, за актерите во самата претстава да има уште една претстава што ја чини претставата уште покомплексна, но и поинтересна за гледачите.
За своето искуство од премиерата и за тоа како го доживеала овој драмски текст, актерката Адријана Билаловиќ ќе рече:
„Овој текст е мојот фаворит од Шекспир. На почетокот многу сакав да ја играм Елена затоа што како лик е покомплексен, но потоа како што течеа читачките проби се повеќе мојот сензибилитет одговараше на ликот на Хермија. Важно е што ние како актери се потрудивме максимално да ја развиваме нашата духовитост и креативниот потенцијал при градењето на ликовите за да ги претставиме во најдобро светло. Тоа ни беше мотивација од режисерот кој има навистина страшна смисла за хумор. Додека комедијата на двете двојки т.е Деметар и Елена и Лисандар и Хермија се состои во понижувањето од страстната вљубеност, подготвеноста да се направи се за љубениот/та без оглед на препреките и своето достоинство.”
„Јас сум кралот на магичните тревки, ги знам сите тајни на шумата и сите тајни предели и затоа имам моќ да ги правам главните мешаници и пресврти, а се со цел да се забавувам со љубовниците, но сепак на крајот се завршува со хепи енд”- изјави Билјана Танески која го толкува ликот на Задрогаз.
Додека се одвиваат подготовките за да се склучи бракот на кралот на Атина, Тезеј со Хиполита, во меѓувреме настануваат интригите кои ќе бидат предизвикани од Пук или попознат како Задрогас кој со помош на волшебниот цвет ќе биде главниот виновник за неочекуваните пресврти. Пук е инаку слугата на Оберон, кралот на самовилите. На крајот Оберон заедно со Пук со мудри потези ќе успеат од сите пресврти и мешаници кои ќе ги предизвика Пук во шумата да направат среќен крај, односно преставата да заврши како ода на љубовта и радоста. На самиот крај, Елена конечно ја остварува својата љубов заедно со саканиот Деметар, Хермија е среќна со својот Лисандар, а Тезеј ја овековечува својата љубов со Хиполита.
Режисерот на претставата и гостин од Хрватска, Иван Лео Лемо за синоќешната изведба на премиерата на „Сон на летната ноќ” истакна:
„Охрид за мене е навистина еден од најхаризматичните градови што сум ги посетил. А идејата ја да поставам токму оваа претстава дојде од моето патување во Индија кое ме инспирираше да го поставам токму ова дело на Шекспир. Инаку сум презадоволен од актерската екипа и соработката со Охридскиот театар кој сметам дека вечерва го даде најдоброто од себе. Како што успеав да видам беше воспоставена таа синергија помеѓу публиката и актерите на сцена така што тој флуид или конекција беше инзвондредно силна.“
Во преставата играат актерите: Горан Стојаноски (Оберон, Тезеј), Јасмина Билаловиќ (Титанија, Хиполита), Адријана Билаловиќ (Хермија), Никола Тодороски (Лисандар), Билјана Билаловиќ (Елена), Ивица Цонев (Деметар), Билјана Танески (Задрогаз), Стрезо Стаматовски (Џејмсудин), Павел Маслов ( Елвис), како и помошниците Сашко Ристовски (Челик), Ташко Лаброски (Роки), Борис Велјаноски ( Бикче), Наум Џулески ( Ромео) и Ева Костојчиноска и Арбена Далип (индиско дете).
Ивана Чичоска