Хуманитарниот концерт на Трпчески, прв во Охрид надвор од фестивалот „Охридско лето“, донесе интересна програма, избрана за да задоволи најразлични вкусови. Како посебно изненадување за публиката беше охридската премиера на „Песни и шепоти“, новото дело на македонскиот композитор Панде Шахов кој живее и твори во Велика Британија.
Како врвен професионалец, Трпчески одвои време и за новинарите со кои отворено поразговара за музиката, за кариерата, за личниот живот. За себе вели дека е воспитуван во македонски, традиционален дух. Сака да го живее животот, а не да го поминува по авиони, поради што, како што истакнува, се организира така да биде и дома со семејството и пријателите и да им посвети внимание на своите студенти.
– Можам да свирам и повеќе концерти од овие кои ги свирам ,но сметам дека не треба да се форсирам премногу бидејќи човек треба го живее животот. Доколку почувствувам дека машината почнува да ме меле не се плашам да ја прекинам својата кариера. Ќе имам поскромен живот, сигурно ќе бидам во музиката, меѓутоа нема да чувствувам притисок, а знаете од притисок човек се разболува, а здравјето е најважно од животот, изјави Трпчески.
Насекаде каде што настапува, Трпчески ја промовира македонската култура. Верува во македонската музика, иако, како што вели, внимателно го прави изборот на делата кои ги презентира пред пребирливата публика во светот.
– Се повеќе македонски композитори се свесни и сфаќаат дека дека мора да се вратат на мелодијата, и дека мора да внимаваат во поглед на композицијата и експериментирањето, затоа што и тие сакаат нивните дела да се чујат повеќе од еднаш – два пати, а за тоа треба да ја заголицкаат публиката, вели Трпчески. Македонската музика има огромен потенцијал доколку на вистински, професионален начин се користи нашиот фолклор за создавање нови музички дела, што е новина во создавањето на класичната музика денес во светот и засега резултатите се одлични, додава Трпчески.
Музичкиот гениј по серијата хуманитарни концерти во земјава, до крајот на годинава ќе настапи во Словенија и Полска, а 2010 ќе ја започне со гостувања во Франција, Британија и САД.
фото: trpceski.com