До последно место беше исполнета салата во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид за синоќешната маестрална изведба на театарската претстава „Рацин“ во изведба на Народниот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот од Велес, а под режисерската палка на Дејан Пројковски.

Бројната публика уживаше во претставата која изобилуваше со неверојатни визуелни и музички сензации, креации на костимографот Раде Василев и Елена Вангеловска, сценографот Валентин Светозарев, како и во музиката во живо изведена од Сашко Костов и Орхидеја Дукова.

Претставата беше ново, свежо и несекојдневно доживување и третирање на Кочо Рацин како човек и уметник, но во прв план беше неговата човечка димензија преку која беа претставени и некои други факти кои на извесен начин ги заобиколила историјата.

Директорот на Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Сашо Димоски, се потпишува како драматург на претставата, а актерската екипа ја сочинуваат Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова.

Громогласните аплаузи со кои публиката на крајот ја поздрави целокупната екипа е доказ дека „Охридско лето“ понуди нешто што долго ќе се памети, а театарската сцена е побогата за еден извонреден театарски, музички и сценски перформанс.

OhridNews