Клавирското трио составено од Ана Кузманоска (пијано), Лина Николеска (виолина) и Антица Николоска (виолина) во неделата, 20 октомври, имаа фасцинантен настап на фестивалот “ЗЛАТНА ЛИРА” кој се одржа во Музејот на револуционерната борба, во Скопје, во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија.

Младите охридски музичарки изведоа дела од Тартини, Шостакович и Шнитке, на воодушевување на многубројната публика која ги награди со силни овации и аплауз. По завршувањето на концертот, добија искрени честитки и комплименти за нивната извонредна изведба од организаторите, но и од многуте музички педагози присутни во публиката.

Ана Кузманоска е ученичка во класата на проф. М-р Ана Ѓорѓиоска, Лина Николеска во класата на проф. Христина Пецакоска-Николеска, а Антица Николоска е во класата на проф. Мухамед Бајрам.

Тие уште еднаш докажаа дека само со љубов кон музиката и посветена работа може да се постигнат врвни резултати. Им посакуваме уште многу настапи на големи концертни сцени ширум светот и во иднина да бидат културни претставници на Охрид и Македонија, велат гордите професори од ОМУ „Методи Патче“.

OhridNews