Американската пејачка Мадона повторно има намера да се занимава со камерите. По филмовите “W.E.” и „Гнасотија и мудрост“, кралицата на попот ќе ја режира адаптацијата на романот „Љубовна приказна“ на Ребека Вокер, ќерката на добитничката на Пулицеровата награда Алис Вокер, авторка на познатата книга „Боја на пурпурот“. Откако романот бил објавен минатиот октомври, 55-годишната пејачка на својот сајт поставила фотографија на книгата со порака: „прочитајте ја оваа книга! Неверојатно доживување! Прекрасна љубовна приказна!“
Романот раскажува за американска студентка која се вљубува во млад муслиман на африкански остров. Нивната почетна идила ќе биде закомплицирана од судирот на двете култури. Според медиумите, продуценти ќе бидат Ребека Вокер и Брус Коен, со кои Мадона моментално бара сценарист кој ќе ја адаптира книгата. Од својот последен филм Мадона воглавно се занимавала со музика. Го издала албумот “MDNA” и одржала серија концерти во рамките на својата светска турнеја. Списанието Форбс ја прогласило за најдобро платена позната личност во 2013.