Поп ѕвездата Мадона ги налути своите обожаватели во австралискиот град Бризбејн, бидејќи својот концерт синоќа го почна дури после повеќе од два часа доцнење, поради што беше завршен рано наутро. Настапот во бризбејнскиот забавен центар бил закажан за 21 часот по локално време, но почнал дури во 23 часот и 22 минути, после повеќе од два часа доцнење.
Стотици разбеснети фанови ја напуштиле салата и побарале парите за влезниците да им бидат вратени, бидејќи им било соопштено дека концертот на славната пејачка, кој носи наслов “Rebel Heart”, нема да почне пред 22 часот и 30 минути. На концертот присуствуваа повеќе од 13 илјади посетители, а Мадона за време на настапот им заблагодари за трпението, велејќи им дека дошле многу рано. Таа се обиде да се пошегува велејќи дека почнавме со задоцнување, што се случува ретко, а тие пораниле. Ова е втор концерт на Мадона во Бризбејн, по што во Сиднеј ќе ја заврши својата турнеја.