Чуварите во еден затвор на крајниот север од Русија фатиле мачка со чија помош затворениците биле опремувани со мобилни телефони и полначи. Управата на затворот во областа Коми преку својот веб сајт соопштила дека мачката била фатена во петокот ноќта додека се качувала на оградата со два мобилни телефони, батерии и полначи прицврстени со леплива трака за грбот.

Поставена била и фотографија на малиот „шверцер“, црно-бела мачка која еден од чуварите ја држи за кожата на вратот. Во соопштението на официјалните лица на затворот било наведено дека и претходно имало обиди да се прошверцуваат забранети предмети во затворот, но овој случај со мачката бил единствен. Во историјата на затворот никогаш претходно не бил забележан сличен случај.