Во куќа во Прилеп, утрово биле пронајдени две тела на мајка и ќерка кои имале прострелни рани. Според првичните информации, во нив пукал поранешниот сопруг на ќерката. Со две прострелни рани се здобило и уште едно лице, брат и син на оштетените, кое било во просторијата. Во обидот да биде совладан, повреден е и осомничениот. Повредениот оштетен и осомничениот се пренесени во прилепската болница каде им се укажува медицинска помош.

Од јавното обвинителство информираат дека во насока на расчистување на кривично правниот настан, по наредба на јавниот обвинител подигнати се и обезбедени траги од лице место. Издадена е  наредба за обдукција над починатите. Обезбедените траги од лице место  ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде и Наредба за претрес во домот на осомничениот прилепчанец кој, според сознанијата на обвинителството, поради претходно нарушени брачни односи не живеел во заедница со неговата сега почината сопруга.

OhridNews