Нацоиналниот оператор за воздухопловна навигација М-НАВ и официјално доби ново раководство по инцидентот на 4 јануари годинава со упад во објектот и напад на вработени. Нов претседател на Управниот одбор и извршен директор во Секторот за воздухопловна техника е Милан Кораќ, а Хекуран Асани нов член на управен одбор и извршен директор во Секторот за воздухопловна навигација. Нивните имиња се веќе впишани и на веб страницата на М-НАВ, од каде потврдуваат дека вчера се заокружени сите процедури.

По инцидентот, постапувајќи по насоки на Владата Надзорниот одбор на М-НАВ ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор. Владата тогаш даде насоки нов претседател на УО да биде Хекуран Асани, а Милан Кораќ секторски директор.

По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк.

За упадот во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Агенцијата за цивилно воздухопловство веќе го подготви прелиминалниот извештај од вонредниот надзор по инцидентот во националниот оператор за воздухопловна навигација во делот на обезбедувањето. Изготвен е конечен записник, врз основа на кој од 14 утврдени наоди изготвено е решение со наредба за преземање 11 задолжителни мерки и активности со различен рок на реализација, што ќе биде дефиниран во корективен план што заедно ќе го изготват овластените инспектори во АЦВ со одговорните во М-НАВ. Има и прекршочни платни налози заради утврдена конкретна одговорност, со санкции кон фирма и лица.

Надзор во М-НАВ врши и Државниот инспекторат за труд (ДИТ), исто така по препорака на Владата. Првичниот надзор е проширен по претставки на кандидати кои се јавиле на последните огласи за вработување и имаат и анонимна претставка за синдикатот.

OhridNews