Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски ги повикаа компаниите и оваа година да дадат поддршка на спортските субјекти преку реализација на спортските ваучери. За возврат тие ќе добијат даночното ослободување.

Инвестирањето во спорот со цел подобрување на условите за развој на секој спортист е наша заедничка определба и заложба. УЈП во соработка со АМС изминатите три години дава поддршка на клубови, федерации и индивидуални спортисти со цел остварување успеси и добри резултати. Интересот е голем, мерката е сé повеќе прифатена. Врз основа на ваучер доделен од АМС на компанијата која донира во спорот и се намалува данокот на добивка, изјави Лукаревска на денешната прес-конференција.

Таа информира дека во 2019 година 640 компании донирале над 493 милиони денари на 377 спортски субјекти. Во 2020 година 686 компании реализирале ваучери преку 547 милиони денари на 626 спортски субјекти. Мината година 601 компанија им поделиле на 689 спортски субјекти преку 400 милиони денари по основ на спортски ваучери.

Компании кои донирале се од различни дејности, а процедурата за донација е пропишана со правилник и се одвива целосно електронски преку е-даноци системот на УЈП.

Мојсовски е задоволен од досегашната искористеност на ваучерите. Мерката ваучер систем ги дава своите резултати, вели, а сé повеќе компании покажуваат интерес да ја користат оваа мерка и со тоа го поддржуваат македонскиот спорт.

На нашите спортисти од големо значење е ваквата институционална поддршка. И во време на пандемија бележиме раст на реализација на мерката, фантастични 95 проценти реализација. 885 спортски субјекти ги почувствувале бенефициите од мерката ваучер-систем. Преку овој систем спортистите, клубовите и федерациите имаат сигурен партнер во финансирање на нивните програми, овозможување подобри услови и постигнување подобри резултати. Исто така се зголемува мотивацијата на стопанските субјекти за помагање на спортот. За иднина во соработка со УЈП планираме да изнајдеме модел за полесно реализирање на ваучерите, што би значело средствата да се слеваат директно кај спортските субјекти, истакна Мојсовски.

OhridNews