Кризата во бракот после 40-тите, рефлексиите од минатото, емоциите побудени од спомените на две цимерки се само сегмент од комплексната, психоаналитична димензија на синоќешната претстава „Стари времиња“ во изведба на Охридскиот народен театар, а во режија на Нела Витошевиќ. Во претставата играат Ирена Ристиќ, Јасмина Билаловиќ и Горан Стојаноски.
„Да се режира една ваква комплексна претстава е навистина предизвик, но актерите го направија своето. Многу сум задоволна од соработката со Охридскиот театар, од нивниот професионализам, пристап кон тематиката на драмата и како тројцата компактно ги доловија улогите.“ – изјави по претставата режисерката Витошевиќ.
За неа Харолд Пинтер е врв во светската драматургија и честа да се работи на негово дело, како што рече, е огромна, но бара своевидна сериозност, зрелост и посветеност.
„Лично сметам дека кастингот беше пресуден за да се постигне посакуваниот ефект, односно интимна поврзаност на сцената и таа скриена нишка која ги спојува трите лика.“– рече Витошевиќ.
За Горан Стојаноски кој ја играше улогата на сопруг на Кејт ( Ирена Ристиќ), клучот на успехот на претставата е во емотивната зрелост и животното, како и професионално искуство на актерската екипа.
„Пријатно сум изненаден од критиката и од тоа што имав можност вечерва да го слушнам од колегите и пријателите. За да се игра Пинтер сметам дека е потребна одредена емотивна зрелост која не може да се одглуми на сцена и самата претстава налага нурнување во психолошката состојба на секој лик за да се склопи мозаикот, односно публиката да си создаде своја приказна.“– истакна Стојаноски.
Љубителите на театарската уметност беа трогнати од брилјантната глума и како ликовите се соживеаја со својата улога.
Петар Арсовски, долгогодишен актер ја поздрави работата на Охридскиот театар.
„Добро е што Охридскиот театар како млад театар ги следи современите текови и се труди да поставува претстави од секаков жанр. Инаку целта на оваа претстава е да не поттикне да размислуваме за нашите скриени желби и Пинтер како автор се занимава токму со моќта на потствеста.“– рече Арсовски.
„Она што ми остави најсилен впечаток е ликот на Кејт во која може да се видат сите метаморфози на една жена, односот со партнерот, односот кон себе и кон пријателката , како и една длабока импулсивност. Исто таа и нејзината другарка од младоста, Ана до тој степен се погодени од спомените што успеаја да заплачат и да го оживеат тој емотивен набој. Мислам дека претставата го задржа нашето внимание цело време и со возбуда очекувавме каков ќе биде епилогот.“ – изјави посетител на претставата.
Охридскиот народен театар продолжува да ниже успеси и да соработува со врвни режисерски и актерски имиња од земјава и странство. Оваа е трета година по ред како актерската екипа на Охридскиот театар настапува на Охридско лето. Судејќи по реакциите на изведбите, публиката максимално ги поддржува нивните напори од Охрид да создадат град на театарската уметност, со оглед на целта да има редовен репертоар во Центарот за култура „ Григор Прличев“.
Ивана Чичоска