Некои го критикуваат, други го посакуваат, трети го игнорираат, но се уште 8 ми март е празник на кој му се посветува внимание.

Почит, внимание, љубов, па и цвеќе, а не скапоцени подароци. Ова го посакуваат македонските жени  за единствениот ден во годината, посветен на нив.

„Секоја година добивам подарок од ќерка ми и сопругот. Се радувам на подароците, но најмногу му се радувам на цвеќето“ вели професорка во средното музичко училиште.

Сопствениците на цвеќарниците тријат раце. Македонците сметаат дека сто денари за една ружа купена во последен момент  е доволен подарок да ги изненадат своите сопруги, мајки, пријателки.

„Најпродавана е ружата. Прометот е најголем на самиот ден. Порачките ги направивме и очекуваме зголемена побарувачка“ вели продавачка од цвеќарницата „Фиоре“.

Најголем дел од цвеќињата ги набавуваат од берзата во Холандија, каде има цвеќиња од целиот свет. Цената им ја диктираат дистрибутерите, но од цвеќарниците велат дека продажните цени ќе бидат исти како и во обичните денови.

Парајлиите ќе им овозможат патување на своите жени. Од туристичките агенции велат дека најголема заинтересираност има за Рим, Париз, Амстердам, Тунис и Египет. Оваа година во повеќето од агенциите нема предвидено тури за во соседна Грција. Останува да видиме колку жени ќе ја минат јужната граница и ќе заминат на чајанка во Солун или можеби ќе шопингуваат по атрактивните трговски центри.

Но значителен број од жените ќе останат дома. Некои заради тоа што сакаат да бидат почитувани цела година, а не само еден ден во годината, а некои оти немаат пари.

Вработените жени без разлика дали го почитуваат или не овој празник ќе искористат прилика да се изнаиграат во некој ресторан или кафеана, ако нивната фирма е една од ретките кои организираат прослави за вакви празници.

Во некои од рестораните и кафаните е веќе се резервирано, но поголемиот дел три дена пред празникот немаа никакви резервации. Некои се жалат на Законот за заштита од пушење, а некои велат дека луѓето немаат пари да фрлаат на вакви прослави.

„Ние засега немаме ништо резервирано. Не мислам дека е поради Законот за заштита од пушење, мислам дека луѓето немаат пари“ велат од скопскиот ресторан „Куќа“.

„Се очекуваат зголемен број на гости. Законот за заштита од пушењето ќе влијае, па така оваа година за 8-ми март бројот на гости очекуваме да биде помал, за разлика од другите години“ ни изјавија од „Македонска куќа“.

Од ресторанот „Ла луна“ во трговскиот центар „Рамстор“ велат дека и за осми март Законот за заштита од пушење ќе  го одигра своето. Очекуваат гости, но не во голем број.

Македонските жени немаат основни права

Колку жените во Македонија ги уживаат првата за кои се бореле нивните преходнички. Експертите велат дека во земјава не може да се зборува ниту за основни права на жената.

„Од вкупните општи приходи што се остваруваат во Македонија жените земаат 25 отсто помалку од мажите. Македонија е на дното во однос на државите во Европа“ вели Мирјана Најчевска, борец за правата на човекот.

Според неа, македонската жена е се уште социјално и финансиски зависна од својот сопруг.

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистираше социјалистичко движење. Првиот Ден на жената бил одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.

Жените тогаш на масовни собири претежно во западниот свет бараа право на работа, иста плата за иста работа, еднакви можности за работа и образование, слободно воспитување на децата и можност за бесплатно згрижување на децата, безбедна контрацепција и легална и безбедна можност за абортуси.

После 101 година, тоа е ден кога жената, наместо да се бори за поголеми права, се одмора од мажот во друштво на пријателките.

извор:„Макфакс“