Во  селото  Велестово, викендов по 27- ми пат  сеодржа манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, годинава посветена на делото на македонскиот поет, прозаист и критичар Веле Смилески и на ликовното творештво на уметникот  Литов Намдагјанчивин, кој е почесен конзул на Монголија во Македонија. На отварањето на манифестацијата во име на градоначалникот Никола Бакрачески,  ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

– Несомнено дека оваа дводневна церемонија е од огромно значење затоа што преку  поезијата и ликовните изложби кои се одржуваат во нејзини рамки , ние ја покажуваме свеста за својата традиција и грижата за нејзино зачувување, осветлување и афирмирање. Воедно со оваа манифестација селото Велестово безмалку три децении е културен центар на бројни поети и уметници од цел Свет. Оваа средба слична на прославите на книжевните великани во Европа е убав повод да се навратиме на делата  на врвните претставници  на македонската поетска реч. “- рече Јанев.

Организаторот Славе Ѓорѓо Димоски  вели дека  „Поетската ноќ во Велестово“ по својата специфика изминатите  години  се избори за епитетот најавтентична поетска манифестација, не само во земјата, туку и пошироко.

– Нејзината специфичност произлегува од начинот на презентирање на поезијата во необичен простор, надвор од академските простории и структури, туку се враќа во селото ¬ нејзиното извориште .Традиционално и годинава  запазен е  форматот на презентација на творештво на еден поет и на еден сликар, класици на современата македонска поетска литература и македонската ликовна уметност – вели  Ѓорѓо Димоски.

Во рамки на манифестацијата во Велестово се изврши и промоција на зборникот песни „Меѓу две неба, песни за Велестово“ во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од автори низ светот.

„Поетската ноќ во Велестово“ од 2008 година  прерасна во меѓународна средба на која се претставија и еминентни автори од Европа и светот како Марам ал Масри од Сирија, Дик Робертс од САД, Патрик Котер од Ирска, Роман Кисјов од Бугарија, Одвиг Клив од Норвешка итн.

OhridNews