Компанијата ЛТХ Леарница Охрид е одликувана како прв Златен партнер на Машинскиот факултет во Скопје. Соработката која постои помеѓу компанијата и Факултетот денес беше продлабочена со инвестиција на компанијата во опрема за Лабораторија за производни технологии и процеси при оваа високо образовна установа.
Компанијата отстапи на трајно користење професионална индустриска опрема која се состои од координатна мерна машина, уред за мерење на димензии на резачки алати и ЦНЦ вертикален обработувачки центар.
На денешниот настан кој се одржа во Скопје на кој присуствуваа деканот на Машинскиот факултет, Златко Петрески, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, директорите на компанијата ЛТХ Леарница Клемент Турк и Наташа Јовческа, раководителот Сашо Николоски, како и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, беше потенцирано дека синергијата помеѓу приватниот сектор и образовните институции ќе продуцира кадри кои се потребни од една страна за компаниите, а од друга страна ќе создаде можности за студентите да бидат подготвени за вклучување во реалните процеси.
Преку директни разговори со компанијата ЛТХ Леарница Охрид, светски реномирана приватна компанија за производство на производи со леење од алуминиум за автомобилска и други индустрии, договорена е меѓусебна соработка за отстапување на опрема која формира една технолошка целина, истакна деканот на Машинскиот факултет, Петрески, потенцирајќи дека моменталната вредност на опремата е проценета на 72 илјади евра, но за Машинскиот факултет и студенти вредноста е непроценлива.
Денес современото производство не е возможно без примена на ЦНЦ металорежачки алатни машини. Деловите добиени на овие машини може да имаат сложени конфигурации за чија димензионална проверка неопходно е примена на координатна мерна машина. Од друга страна, контролата на резачкиот алат е нужна потреба за да се управува со димензионалната точност и квалитетот на обработената површина. Опремата е користена, но е во функција и целосно сервисирана пред да биде инсталирана на Факултетот. Со овој гест ЛТХ Леарница стана Златен партнер на Машинскиот факултет во Скопје, за што потпишан е и Меморандум за соработка. Со ова се направи значаен чекор кон унапредување на наставата и практичната работа. Опремата ќе се користи не само во наставата, туку и за реализација на истражувања и експерименти. Со оваа опрема нашите студенти и професори ќе имаат привилегија да работат со современи технологии што ќе ги подготват за реалниот свет и оспособат за водење на индустриската трансформација, потенцираше Петрески.
Клемент Турк, еден од директорите на ЛТХ Леарница Охрид, посочи дека со оваа донација ќе се овозможи проширување на практичното знаење и можностите за сите студенти, истакнувајќи дека во својот работен век ЦНЦ вертикалната машина од 2012 година има произведено повеќе од 5.5 милиони делови од АБС систем за задната осовина на камиони. Станува збор за високо продуктивна сериска машина, тестирана и докажана во реални индустриски услови, за која, како што посочи, се надева дека ќе им служи исто толку успешно и на студентите истражувачи на факултетот.
Со оваа донација ЛТХ Леарница станува првиот Златен партнер на Машинскиот факултет, признание кое ни е многу значајно. Веруваме дека ова не е само статус туку ветување за соработка помеѓу индустријата и образованието. Искрено се надевам дека и други компании ќе ја следат нашата иницијатива и ќе инвестираат во образованието и подготовката на идните инженери. Индустријата и образованието се зависни една од друга. И ние имаме барање и потреба од квалитетни студенти. Апсолутно потребно е да има соработка помеѓу образованието и приватниот сектор. Мене ми е чест што можеме да донираме опрема на Машинскиот факултет. Директно може нема да се изброи колку луѓе и кога ќе стекнат искуство на опремата, но индирекно тоа е вистинскиот пат за сите и за студентите да имаат подобри можности и за компанијата, и на крај и за економијата во целина, вели Турк.
Наташа Јовческа, еден од директорите на ЛТХ Леарница Охрид, потенцираше дека за техничкиот кадар посебно е важно практичното искуство, посочувајќи дека теоријата е еден сегмент, но практичното искуство е значајно во процесот на аплицирање на теоријата во пракса.
На овој начин тој процес го забрзуваме и практично добиваме инженери кои дирекно може да се вклучат во работа. Во склоп на договорот за Златен партнер на Машинскиот факултет се опфатени различни типови на соработка, не само донацијата на опрема, туку подразбира и взаемна соработка во однос на изработка на дипломски трудови на студентите, вклучување на компанијата и Факултетот во изработка на заеднички проекти, иновативни активности и практична настава кај нас. Во иднина би имале една мултидисциплинарна соработка. И досега имавме соработка со Машинскиот факултет долги години наназад, но ова е едно ново поглавје каде со значајна инвестиција во образованието, целта е да добиеме производ – машински инженер соодветно едуциран, образован, со практично знаење, со полесно вклопување во процесите на производство. Неговите можности за вработување да се поголеми во иднина. Ова е еден взаемен процес помеѓу Министерството за образование, Универзитетските институции и компаниите што би требало на долг рок да го работиме континуирано, вели Јовческа.
Посочи дека се уште фали соодветен кадар, а во моментов во компанијата 40 ученици оставруваат практична настава од дуалните паралелки во средните училишта во Охрид.
Имаме неколку веќе вработени кои се од првата генерација кои завршија дуално образование и сигурно се поквалификувани. Има резулати, но е процес кој треба да заживее подолго време. Како компанија секогаш сме отворени и имаме редовна соработка со сите факултети, додаде Јовческа.
Министерка за образование, Весна Јаневска истакна дека ова е еден прекрасен пример на добра синергијата меѓу индустријата, односно приватниот сектор и високото образование што ќе придонесе не само за подобрување на квалитетот на образованието и практичната настава, туку и за добробит на целото општество.
Апелирам по овој пример и други компании да се вклучат заеднички да работат за добробит на општеството. На приватниот сектор, на индустријата им требаат добро обучени кадри кои веднаш ќе може да се вклучат во процесите на производство. Оттука, ваквиот пример е многу значаен и очекувам дека и во иднина и други компании ќе го следат, иако веќе има и други такви. Благодарност и до компанијата ЛТХ Леарница Охрид и до Машинскиот факултет за тоа што го прават во корист на студентите и општеството. Државата и понатаму ќе продлжи да помага во подобрување на квалитетот на образование, на вклучување на студентите во практичната настава. Оваа година имаме многу повеќе средства во буџетот и секако во наука бидејќи на Факултетите се развива и науката. Се надевам дека ова значајно ќе користи на целото општество, особено на студентите кои понатаму треба да се посветат на стекнување на знаења и вештини за да можат да го најдат своето место на пазарот на труд, истакна Јаневска.
Денес промовираме соработка помеѓу Машинскиот факултет во Скопје и познатата реномирана македонска компанија од Охрид, ЛТХ Леарница која успеа да го препознае квалитетот на нашиот Универзитет, на кадрите кои се создаваат, рече ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова.
Ова е многу значаен чекор за сите нас, бидејќи соработката со реалниот сектор е еден од нашите приоритети и многу интензивно работиме на ова поле. Практичната настава е еден од тие сегменти, но и овој вид на соработка кога компаниите донираат опрема на нашиот Универзитет е многу значајно, бидејќи нашите студенти ќе можат да развијат креативност, да бидат иновативни, своите идеи да ги преточат во прототипови на производи и многу поблиску да се запознаат со реалниот процес и да им го олесниме на еден начин преодот од училниците и лабораториите во реалниот сектор. Токму тоа и го правиме со оваа опрема што ја донираше ЛТХ Леарница. Затоа оваа иницијатива е навистина значајна и за поздравување. Ова е влог не само во материјална форма, влог кој го добива Машинскиот факултет, туку и влог во образовниот процес. На овој начин покажавме дека синергијата, Владата, Министерството за образование, Универзитетот односно Машинскиот факултет и реалниот сектор може да вроди со резултати. Оваа соработка мора да ја продлабочуваме и во иднина зошто само така ќе ги постигнеме целите на високото образование, додаде Ангелова.
ЛТХ Леарница е лидер во полето на развој, леење, обработка и монтажа на високо комплексни компоненти од алуминиум, како и изработка на алати наменети за сопственото производство и еден од стратешките добавувачи во автомобилската индустрија. Во моментов, ЛТХ работи со тим од 530 вработени, на кои им овозможува континуирано професионално унапредување и учење.
Фото галерија:
ЛТХ Леарница – прв Златен партнер на Машинскиот факултет
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска