Унгарскиот ракометен гигант Веспрем може да се насочи кон четвртфиналната фаза во Лигата на Шампиони, откако дилемите во двомечот со Вардар ги реши во Скопје, победувајќи со неверојатни 41-27 (21-11). Реваншот во Унгарија на 8 април ќе биде формалност, бидејќи квалитетот, а и резултатот се на страната од Веспрем.
Вардар како никогаш до сега изгледаше без жар и желба за игра. Публиката дефинитивно е „икс фактор“ на „вардарци“ во мечевите да се биде или не, без разлика кој е ривалот на спротивната страна.
Унгарците максимално ги искористија сите аномалии во составот на „црвено црните“ и после 30 минути игра покажаа сила и квалитет, поведувајќи со 21-11. Веспрем не се задоволи со плус десет, притискајќи уште малку во второто полувреме. Разликата не растеше како во првиот дел, но достигна високи 14 голови (27-41).
Крилото Маргуч броеше до шест голови, а Манасков, Маркусен и Мораеш комбинираа по четири. Кај Вардар, прво име беше Чупиќ со девет гола, Јотиќ имаше четири.
OhridNews