Македонскиот првак во женска конкуренција, Вардар ја забележа четвртата победа во главната фаза совладувајќи го Савехов со високи 37-25 (19-10).
Гостите од Шведска пружија солиден отпор во првите десет минути од мечот во кои и водеа. Но, „црвено црните“ со серија од 7-1 комплетно го свртеа резултатот во своја полза.
Со силното темпо „вардарки“ продолжија во истиот ритам и по првите триесет минути стигна до највисоки девет погодоци предност.
Во вториот дел избраничките на Индира Кастратовиќ притиснаа уште еднаш на гаста и обезбедија двоцифрено водство.
Во составот на Вардар шанса добија сите ракометарки, а публиката на нозе се крена после погодокот на македонскиот ракометен бисер Сара Ристовска по асистанција на Драгана Петковска од голот.
Во осмата рунда од главната фаза „црвено црните“ ќе се сретнат со романски Букурешт на гостински терен.
Фото: 24ракомет
OhridNews