Македонскиот ракометен вицепрвак Вардар пред себе го има најголемиот предизвик сезонава да ја надополни негативата од шест голови од првиот осминафинален натпревар во Лигата на Шампиони со екипата на Висла.


– Пред сите нас е најголемиот предизвик сезонава. Мора да поправиме неколку работи во напад и одбрана за да се надеваме на победа која ќе не одведе во 1/4 финалето. Пристапот нема да го менуваме бидејќи тој до сега ни донесе многу победи сезонава. Со помош од навивачите кои ќе направат неверојатна атмосфера се надевам дека ќе успееме во нашите намери. – рече шпанскиот стратег Раул Гонзалес Гутиерез.

„Црвено црните“ одиграа слаб натпревар во Висла, а според капитенот бил најслаб и најлош натпревар сезонава.

– Ситуацијата е доста компликувана, а можеше да биде уште полошо. На првиот натпревар домаќините се надминаа себеси и пружија неверојатни перформанси, а ние одигравме под своите можности. Нашата цел е јасна, а тоа е пласман меѓу осумте најдобри бидејќи таму му е местото на Вардар. – додаде Филип Лазаров.

Натпреварот се игра в сабота со почеток во 20:15 часот, а првиот меч заврши 32-26 во корист на Висла.

Мх.П.