Францускиот состав на Монпеље е ривал на Вардар во четвртата рунда од групната фаза на Лигата на Шампиони. Императивот во тимот на Вардар е голем пред гостувањето во Франција по трите победи во исто толку натпревари.
– Во овој момент ние играме одлично, а истото мислење го имам и за Монпеље, чија што игра констатно напредува од натпревар во натпревар. Тоа го докажаа и на последниот дуел против Веспрем, каде што беа поразени со само еден гол разлика, што за нив е одличен резултат со оглед на тоа што играа на гостински терен. Сепак, ние одиме на победа и освојување на нови два бода, кои ќе ни бидат потребни во борбата за лидерската позиција. Тоа мора да го докажеме и на терен – рече Тимур Дибиров.
Монпеље по трите одиграни мечеви во ЛШ има една победа и два порази, а дуелот со Вардар е од големо значење за францускиот колектив.
– Сигурни сме во едно, а тоа дека не очекува многу тежок натпревар во Франција. Не сакам да прогнозирам ништо однапред бидејќи Монпелје има голем напредок во својата игра. Ние до сега завршивме голема работа, со оглед на тоа што имаме максимален учинок во првите три кола. Во овој натпревар влегуваме максимално мотивирано, но мора да бидеме многу внимателни. Доколку успееме да продолжиме со победничката серија, тогаш сме на добар пат да се бориме за едно од првите две места на табелата, но доколку бидеме поразени тогаш ќе биде многу потешко да се постигне тоа – додаде Дибиров за официјална страна на Р.К. Вардар.
Натпреварот се игра в недела со почеток во 17 часот.
Мх.П.