Екипите на Челси и Севиља ја продолжија битката за првата позиција во Е групата, откако со погодоци во судиското продолжение и со идентичен резултат (2-1) ги совладаа Рен односно Краснодар во четвртата рунда од групната фаза во Лигата на Шампиони.

Џокер на англискиот премиерлигаш беше Оливие Жиру. Францускиот репрезентативец се најде на вистинско место во 91-та минута и со глава ја смести топката во мрежата. Претходно, „сините“ поведоа со голот на Хадсон Одои, а домаќините изедначија преку Гираси.

Стрелец на победничкиот погодок за Севиља беше Ел Хадиди, кој погоди во 5-та минута од продолжението. Севиља со голот на Раќитиќ поведе, но домаќините во 56-та минута со погодокот на Вандерсон се вратија во игра за победа. Сепак, Ел Хадиди со гол во финишот не дозволи, ниту минимална радост во таборот на Краснодар.

Челси и Севиља обезбедија пласман во нокаут фазата, а во следните две рунди ќе се борат за првата позиција, која носи нешто послаб противник во 1/8 финалето.

OhridNews