„Росонерите“ во нападот ќе ги имаат Алберто Џилардино и Пато. Кај двете екипи недостигаат првите голмани, повредените Дида и Алмунија. Позитивна вест за Милан е враќањето на најдобриот играч за минатата година, Рикардо Кака.
Досега овие два тима играле само во финалето на Суперкупот, и тогаш поуспешен беше Милан. Во Лондон беше 0-0, а во Милано 2-0 за домаќините.
Многу работи зависат од него – Кака`
Искуството е на страната на Милан, а младоста и полетноста на страната на Арсенал. Кларенс Сидорф, кој е рекордер со три титули со различни екипи, овој пат ќе присвои уште еден рекорд. Холанѓанецот вечерва ќе го одигра 130. меч во ЛШ. Покрај Сидорф, над 100 меча во ЛШ кај Милан имаат и Малдини и Кафу. Играчите на Арсенал се далеку од овие бројки.
Милан во последните две кола во Италија одигра нерешено, а Арсенал во изминатиов викенд го имаше едно од најслабите изданија, откако со 0-4 загуби од Манчестер јунајтед во ФА Купот.
Забревтаниот Манчестер ј. гостува во Франција, кај шампионот Олимпик Лион. Двете екипи во различно расположение го очекуваат мечот. Манчестер со 4-0 го декласираше Арсенал, а Лион загуби на гостувањето од Ле Ман со 0-1. Лион сезонава не е доминантен во Франција, а и во ЛШ пласманот понатаму го избори во последното коло. Премиерлигашот и лани во осмина-финалето имаше француски противник, кога го елиминираше Лил.
Одамна не се радувале на трофеј во Европа
Барселона оптимистички патува на гостувањето во Глазгов, на дуел против Селтик. Кај каталонскиот гигант по пауза од еден месец се враќа напаѓачот Самуел Ето, што значи дека тренерот Франк Рајкард ќе го има на располагање триото Ето – Меси – Анри. Бразилецот Роналдињo, кој не е во најдобра форма, повторно би требало да биде на клупата за резерви, а Декo и Инјеста да бидат креатори на средината на теренот. Барса сезонава гостуваше во Глазгов и одигра без голови против Ренџерс. Сезонава Селтик има 3 победи од 3 меча на свој терен во ЛШ.
Ќе ја чека својата шанса од клупата – Роналдињо
Фенербахче и Севилја се дебитанти во нокаут-фазата во ЛШ.
Натпреварите започнуваат во 20.45 мин.