Ракометарите на Металург во втората рунда од групната фаза во Лигата на шампиони забележаа сензационален триумф совладувајќи го ПСЖ со 28-26.
Францускиот тим составен од светски ракометни ѕвезди од калибарот на Хансен, Вори, Абало, Нарцис, Коплјар, беа немоќни пред лавовите на стратегот Лино Червар кои одиграа маестрално во сите 60 минути.
Дарко Станиќ ракометарите на ПСЖ ги доведе до лудило бранејќи им се и сешто особено во вториот дел кога собра 20 успешни интвервенции.
Искусниот Ренато Вугринец беше вистински предводник во нападот реализирајќи девет погодоци. По четири зад своето име запишаа Ванчо Димовски, Гоце Ѓеоргиевски, Наумче Мојсовски и Русинот, Павел Атман.
За „металурзите“ ова е втор триумф во вториот натпревар од групната фаза во Лигата на шампиони и со четири бодови македонскиот вицепрвак го зазеде првото место во групата А.
Мх.П.