Последните два натпревари од првата етапа во 1/8 финалето понудија се што треба и можат да понудат екипите протагонисти во Лигата на Шампиони. Атлетико Мадрид на своите навивачи им приреди ноќ за уживање совладувајќи го Јувентус со 2-0, додека Манчестер Сити се издигна над сите неволји и со пресврт обезбеди гостински триумф против Шалке 3-2.
„Јорганџиите“ со својот препознатлив борбен стил и отворен гард му се спротиставија на фаворитот за титулата во ЛШ, Јувентус. „Бјанконерите“ во првото полувреме беа рамноправен противник, а во вториот дел на теренот постоеше само Атлетико Мадрид. Домаќините погодија преку Мората, но судијата после прегледување на снимката му го поништи за фаул над Киелини. Поништениот погодок беше најава за фуриозниот финиш на Атлетико Мадрид. Улогата на стрелци ја презедоа дефанзивците. За 1-0 погоди стоперот Хименез во 78-та минута, а на 2-0 зголеми Диего Годин пет минути подоцна. Јувентус има три недели да се соземе и консолидира и на домашен терен да ја надополни големата негатива.
Избраниците на Пеп Гвардиола одиграа наверојатен натпревар на Велтинс арената. „Граѓаните“ со погодокот на Серхио Агуеро го отворија резултатот и место да го преземат кормилото во мечот тие го загубија и му го препуштија на домаќините. Шалке до крајот на првиот дел со двата голови од пенал на Набил Бенталеб го сврте резултатот во своја полза. Во 65-та минута негативата на семафорот не беше единствена грижа за Гвардиола, откако Отаменди поради два жолти картони предвреме го заврши мечот. Англичаните со играч помалку нападнаа, а за храбрата игра наградата стигна во финишот. Прво Сане изедначи 2-2 во 85-та минута, а Стерлинг во 90-та минута погоди за 3-2 и голема победа.
Со двата вечерашни натпревари се комплетираше првата етапа од осминафиналето. Реваншите почнуваат за две седмици.
OhridNews