Францускиот првак Пари Сент Жермен се наоѓа пред портите од четвртфиналето во Лигата на Шампиони, откако на Олд Трафорд со 2-0 (0-0) го совладаа Манчестер Јунајтед во првиот меч од 1/8 финалето.

„Светците“ кои во Англија допатуваа без бразилскиот ас Нејмар и ударната игла во нападот Едисон Кавани одиграа маестрален натпревар без ниту една грешка и после  90 минути ги решија дилемите околу патникот во ТОП 8. Поразот на Манчестер Јунајтед е прв после доаѓањето на Оле гунар Солскјаер на клупата. До сега Норвежанецот забележа 10 победи во 11 натпревари.

Првиот дел од мечот понуди борбен фудбал и неколку прилики пред двата гола. „Црвените ѓаволи“ го имаа поседот на топка, а гостите преку контра напади се закануваа кон голот. Маркус Рашфорд го испита Џиџи Буфон кој добро пратеше и спречи изненадување, а на спротивната страна Давид де Геа со две интервенции ја остави мрежата празна.

Стартот од вториот дел им припадна на французите. Теренската надмоќност ја крунисаа со погодокот на Преснел Кимпембе кој погоди од корнер по прецизниот центаршут на Анхел ди Марија во 53-та минута. Седум минути подоцна следуваше нов шок на Олд Трафорд. Филигранската контра со гол ја заокружи Килијан Мбапе. Брзоногиот фудбалер им се протна на домашните дефанзивци и го матираше по втор пат Де Хеа.

Во продолжението „црвените ѓаволи“ нападнаа но јалово и без шанса за почесен погодок. Капак на сите проблеми за Оле гунар Солскјаер беше црвениот картон на Пол Погба. Французинот за стартот над Дани Алвес доби жолт картон, а претходно имаше еден и предвреме го заврши мечот.

Во вториот натпревар од денешната програма Рома со 2-1 го совлада Порто и обезбеди минимална предност за возвратниот меч на Драгао.

Утре осминфиналните возбудувања продолжуваат со дуелите Ајакс – Реал Мадрид односно Тотенхем – Борусија Дортмунд.

OhridNews