Денес (вторник) и утре (среда), во најквалитетното клупско натпреварување во Европа, Лигата на Шампиони ќе се одиграат првите мечеви од полуфиналето. Денеска на програмата е пресметката Реал Мадрид – Челси, а утре ќе се сретнат Пари Сент Жермен – Манчестер Сити.

Од четирите екипи во полуфиналето, Реал Мадрид е најискусен и најтрофеен и затоа „кралевите“ добиваат блага шанса пред конкурентите. Сепак, Челси под водство на Томас Тухел е полетен и комплетно друг колектив, во однос на тимот предводен од Френк Лампард.

Шпанскиот гигант без разлика како и со кои играчи настапува, секогаш мора да се сфати сериозно, бидејќи се работи за екипа, која точно знае што и како треба да се направи во европските натпреварувања. Во тимот на „кралевите“ недостасуваат Тони Крос, Серхио Рамос, Лукас Васкез, Ферланд Менди и Федерико Валверде.

„Сините“, пак, во улога на фаворит од втор план, добро се снајдоа и прво го елиминираа Атлетико Мадрид, а потоа Порто. Мисијата наречена Реал Мадрид и вистински предизвик за лондонските „сини“, кои често знаат да изненадат кога не се фаворити. Тухел нема проблем со повредени и суспендирани фудбалери. Единствено кој ќе недостасува е Матео Ковачиќ.

Во светските обложувалници, коефицентот за триумф на Реал Мадрид изнесува 2.35. За победа на Челси квотата е 3.3, а за реми е 3.1.

OhridNews