Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид вечерва на „Енфилд роуд“ ќе брка негатива од 0-1 против Ливерпул, во возвратниот меч од осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите.
Деветкратниот евро првак Реал Мадрид ќе се обиде да ја избегне петтата по ред елиминација уште во првата нокаут-фаза.
„Старата дама“ во Торино ќе го нагости премиерлигашот Челси и ќе се обиде да ја надокнади негативата од 0-1 од првиот натпревар. По промената на кормилото на Челси, новиот тренер ГУд Хидинк има серија од пет победи.
Баерн Минхен ја има најлесната задача. Германскиот првак победи со 5-0 на гостувањето во Лисабон против Спортинг и сега само рутински треба да го одработи влезот меѓу најдобрите осум екипи во Европа.
Панатинаикос со активни 1-1 на својот стадион во Атина го пречекува шпанскиот Вилјареал.
Утре играат: Порто – Атлетико Мадрид (2-2), Барселона – Олимпик Лион (1-1), Рома – Арсенал (0-1), Манчестер јунајтед – Интер (0-0).